Германската фудбалска федерација (ДФБ) ја казни Борусија Дортмунд огромни 62.000 евра за пиротехничкото шоу кое навивачите го направија на гостувањето кај Фортуна Диселдорф оваа сезона.
Дортмунд загубија со 2:1 на „Есприт арената“ на 18 декември, но тоа не ги спречи нивните фанови да имаат невидена пиро-забава, по која изгледаше дека цел стадион гори.
ДФБ во последно време се обидува целосно да го искорени внесувањето на факли и друга пиротехника во Бундеслигата, казнувајќи ги тимовите со 1.000 евра за секој факел забележан на меч.
Според весникот „Вестфалишер анцајгер“, навивачите на „милионерите“ запалиле 36 „пиротехнички направи“ пред стартот, одложувајќи го две минути. Покрај тоа, биле забележани вкупно 44 „престапи“, како и казна за повторување на инцидентите. Досега, од септември 2018 година, ДФБ ги казни Дортмунд 130.000 евра само за пиротехника.