Соочен со шансата утре актуелниот шампион Манчестер сити да се врати на првото место во Премиер лигата, менаџерот Пеп Гвардиола вели дека не е точно дека само тие и Ливерпул се во трка за титулата, велејќи дека и градските ривали Манчестер јунајтед се во игра.
Ливерпул се први со три поени пред Сити, кои ако утре ги победат Евертон на гости можат да се вратат на првото место (со подобра гол-разлика). Тотенхем заостануваат пет поени, Челси 12, а Манчестер јунајтед дури 14 поени на петтото место.
„Има уште 39 поени за освојување и не е премногу ако заостануваш 9 или 10 поени. Никогаш не сум кажал дека Тотенхем не се во игра. Јунајтед се во серија и тие секогаш се тука. Сега ако ја погледнете табелата ги гледате првите два-три клуба. Челси можат да влезат во серија и да се во игра“, вели Гвардиола.
Ливерпул имаа седум поени предност пред Сити пред шампионот да ги победи во дербито на 3 јануари.
„Пред три-четири дена сите не отпишаа, Ливерпул беа шампиони, но сега можеме да бидеме лидери ние. Мораме да останеме смирени. Ќе има изненадувања и тешко е да се победи на секој натпревар. Затоа не треба да заборавиме кои сме како тим и што е нашата работа. Потоа ќе ја гледаме табелата“, вели Гвардиола.
Фото: ЕПА