Top Sport

Американките со драматична Фед куп титула

САД ја совладаа Белорусија со 3:2 за да ја освојат својата рекордна 18 титула од Фед купот по драматични два дена во Минск, откако трофејот се одлучуваше во мечот во двојки.

Шелби Роџерс и Коко Вандевеге стигнаа до 6:3/7:6(3) победа над Арина Сабаленка и Алиаксандра Саснович за Американките да стигнат до првата титула од Фед купот по пауза од далечната 2000 година. Хероина на тимот на САД, секако беше Коко Вандевеге, која победи во сите три меча во кои играше, но мора да и се честита и на капитенката Кејти Риналди за составување на тимот без најголемите ѕвезди, сестрите Серена и Венус Вилијамс.

По 1:1 во саботата, Вандевеге прво со 7:6(5)/6:1 ја совлада тинејџерката Сабаленка, пред во вториот „обратен“ сингл меч, Саснович да се врати од сет негатива за 4:6/6:1/8:6 победа над шампионката од САД опен, Слоун Стивенс, која може да се „пофали“ со тоа што нема победа во ниту еден меч по освојувањето на својата деби гренд слем титула.

Белорусинките можат да жалат за историската шанса, откако го започнаа натпреварувањето како аутсајдерки без својата најдобра тенисерка, двократната гренд слем шампионка, Викторија Азаренка, која поради борба за старателство на нејзиниот едногодишен син не сакаше да ја напушти Калифорнија и САД.

Scroll to Top