Олденбург, екипа за која настапува Војдан Стојановски, му го нанесе првиот пораз во Бундес лигата на Баерн Минхен. Во трилер завршница Олденбург забележа победа 83:82. Мечот го реши Камингс, кој на четири секунди до крајот на мечот погоди три слободни фрлања.
Олденбург, против лидерот, одигра брилијанто прво полувреме, во кое стекна двоцифрена предност. Стојановски без грешка го одигра овој период од натпреварот. Тој постигна 14 поени (6/6 од поле).
Играчите на Баерн се вратија во мечот во второто полувреме, во финишот имаа предност од два поени (80:82), кога Камингс беше фаулиран во шутот за три поени. Раката на Американецот не затрепери, ги погоди трите слободни фрлања со кои му ја обезбеди на Олденбург 16 победа во првенството.
Стојановски мечот го заврши со 16 поени и по три скока и украдени топки. Најефикасен кај победникот беше Камингс со 30 поени.
Олденбург се втори на табелата во Бундес лигата со 16 победи и четири порази, а Баерн се лидери со 19 победи и еден пораз.