Top Sport

Фиорентина му оддаде почит на Астори, а потоа одигра 3:3 со Аталанта! (видео)

Фановите на Аталанта треба да жалат што иако нивниот тим постигна три гола, двапати пропушти водство за на крајот да одигра 3:3 во трилер-гостувањето кај Фиорентина во првиот меч од полуфиналето на Копа Италија.

Аталанта (која го ’здроби’ Јувентус со 3:0 во четврт-финалето) и Фиорентина (која ја ’уништи’ Рома со 7:1), бркаат шанса да освојат трофеј по подолга пауза, така што не чудеше жарот и посветеноста во мечот. Иронично, двата клуба ќе се сретнат повторно во недела во Бергамо во меч од Серија А, додека реваншот е на 24 април.

Мечот почна со посебна кореографија во чест на починатиот капитен на тимот, Давиде Астори како што се наближува годишнината на неговата смрт – тој почина на 4 март 2018 година во хотелска соба пред мечот со Удинезе. Навивачите не го заборавија и приредија вистинско шоу.

Аталанта стигна до водство од 0:2 по само 18 минути игра по двата брзи гола на Папу Гомез и на Пашалиќ, пред клубот од Фиорентина да успее да се врати до крајот на полувремето – Федерико Киеза удри во 33. минута, а Марко Бенаси само три минути подоцна.

Аталанта повторно дојде во водство во второто полувреме преку убавиот гол на Мартен де Рон, пред Луис Муриел во 79. минута да ги постави конечните 3:3.

Овој меч беше во целосна спротивност од првиот меч од полуфиналето, откако вчера Лацио и Милан одиграа без голови во Рим.

Фото: ЕПА

Scroll to Top