Луис Хамилтон има поголем „природен талент“ од Михаел Шумахер, вели единствениот Формула 1 возач кој бил партнер на двајцата, Германецот Нико Розберг.
Хамилтон по лудата низа од три титули во четири години (во четвртата беше победен токму од Розберг), е втор зад Шумахер по бројот на титули (5-7) и по бројот на победи (73-91).
Шумахер не успеа да додаде уште некоја победа во три сезони покрај Розберг во Мерцедес, во периодот кога „сребрената стрела“ го градеше сегашниот моќен тим, пред да замине во втора пензија во 2012 година и да дозволи Хамилтон да се приклучи на Розберг. Германецот Розберг пак, беше подобар од Шуми во поголемиот дел од трите заеднички години, но само еднаш го победи Хамилтон, и тоа за светската титула во 2016 година.
„Луис најверојатно има малку повеќе природен талент од Михаел, бидејќи Луис е еден о најголемите таленти во Формула 1. Тоа значеше многу. Но, во однос на работната етика, Шумахер беше нешто посебно. На Луис работите му доаѓаат природно. Инстинкт, природен талент. Михаел беше целосен возач“, вели Розберг во интервју за „Ауто мотор унд спорт“.
И покрај овој став, Розберг вели дека бил понервозен кога дознал дека ќе биде партнер на Шумахер.
„Првата мисла со Михаел? Малку исплашен. Дали воопшто ќе можам да му конкурирам. Тој беше воин и секое утро по станувањето си помислуваше како да го победам колегата. Кога, конечно, го победив Михаел, дојде Луис. Него го познавав од картинг трките и не ми беше непознат како Михаел“, додава Розберг.