Сопствениците на Формула 1, „Либерти медија“ го обвинуваат Берни Еклстоун за незадоволството кај промотерите на ГП трки, кои се пожалија на новите планови на „Либерти“. Причината е едноставна – Еклстоун наводно успевал да наплати многукратно повеќе од реалната вредност за оддржување на една Ф1 трка.
По смената во 2017 година, Еклстоун даде една контроверзна изјава при посетата на Бахреин ГП трката.
„Кога ги убедив овие луѓе да направат Ф1 патека им земав премногу пари и малку се чувствувам одговорен“, изјави тогаш Еклстоун.
Сега, генералниот директор на „Либерти“, Грег Мафеи вели дека ситуацијата не е добра.
„Берни заврши многу добра работа, можеби и предобра и ги исцеди овие промотери. И тоа ни се врати нам, бидејќи сега сме јавна компанија и можат да ги видат трошоците. Имаме големи предизвици“, вели Мафеи.
Формула 1 нема долгорочни договори со трките во Силверстоун, Барселона, Мексико, Монца и Интерлагос, создавајќи голем проблем за новите шефови.