„Лошото момче“ на светскиот тенис, Ник Кирјос, пред десет дена беше во центарот на вниманието поради коментарите за Рафа Надал, а повторно се огласи по поразот на Новак Ѓоковиќ од Филип Колшрајбер.
Кирјос, исто како и Ѓоковиќ, настапот на мастерсот во Индијан Велс го заврши по поразот од 35-годишниот Колшрајбер.
Австралискиот Грк бил изнервиран од коментарот на Крег Гебриел, кој се прашувал во текот на преносот „дали е се во ред со Новак“, бидејќи промашувал зицери и се однесувал летаргично.
„Смешно, мора нешто со него да не е в ред, нели? Кога јас изгубив од Коли (Филип Колшрајбер), ме растргнаа со коментарите од тимот „ова е стариот Кирјос’. Може ли само да кажеме дека дечкото беше добар? Дека знае како се победува? Го мразам ова, па треба ли да им делиме бакнежи на овие момци кога губат?“, напишал Кирјос.
На коментарите дека тој треба да покаже малку почит кон еден шампион каков што е Ѓоковиќ, тој повторил дека кога Новак, Надал и Федерер губат, коментарите секогаш биле дека не играле добро, а на нивните противници никој нем одава признание и не се зборува дека играле добро.