Таткото на Серхио Агуеро смета дека напаѓачот на Манчестер сити е подготвен да се врати во аргентинскиот клуб Индепендиенте, но дека уште не добил понуда од клубот во кој ја почна кариерата.
Агуеро помина низ младинскиот систем на Индепендиенте и беше дел од академијата на клубот од својата деветта година, а во 2003 година стана најмладиот дебитант во историјата на клубот кога влезе во игра со 15 години и 35 дена. Тој имаше само 56 настапи за сениорскиот тим во кои постигна 23 гола, пред да замине во Атлетико Мадрид за 20 милиони евра.
Сега, неговиот татко, Леонел дел Кастилјо вели дека тој сигурно ќе се врати во својот клуб од детството, но дека засега нема контакт.
„Засега, никој не му се јавил на Серхио или на мене. Серхио не може да каже сакам да се вратам, бидејќи прво треба да види дали клубот го сака. Немаме проблем со претседателот Уго Мојано, но ако некој го повика, веднаш ќе се постави датум за враќање“, вели Дел Кастилјо.
Агуеро, кој освои три титули од Премиер лигата со Сити каде што дојде во 2011 година, во септември потпиша нов договор до 2021 година.