Манчестер јунајтед немаат планови да „тргнат“ по Герет Бејл дури и тој да биде достапен на пазарот од Реал Мадрид ова лето, јавува „ЕСПН“ и покрај шпекулациите кои го поврзуваат Велшанецот со трансфер на „Олд Трафорд“.
29-годишниот Бејл има неизвесна иднина во Реал Мадрид по големите критики од навивачите на клубот, а ситуацијата нема да се подобри со враќањето на Зинедин Зидан како тренер на клубот од „Бернабеу“. Минатата недела неговиот агент Џонатан Барнет изјави дека тие ќе „чекаат и ќе видат“ како ќе одат работите со Зидан пред да одлучат за долгорочната иднина откако претходно Бејл беше исвиркан од публиката за време на „Ел класико“ и поразот од Барселона.
Бејл има договор со Реал до крајот на сезоната 2021/22, но се верува дека клубот е подготвен да го продаде за да почне со „реформата“ на составот најавена за ова лето. Бејл во моментов е токму во Манчестер, каде што тренира во базата на Јунајтед во Керингтон пред пријателскиот меч на Велс со Тринидад и Тобаго на „Олд Трафорд“.