По 60 години Италија ќе пропушти фудбалски Мундијал. „Азурите“ во бараж-двомечот испаднаа од Шведска, која со вкупен резултат од 1:0 се пласира на Светското првенство. По мечот неколкумина италијански репрезентативци ставија крај на репрезентативните кариери, а еден од нив е и Даниеле де Роси.
Де Роси покрај елиминацијата бил разочаран и од однесувањето на италијанските навивачи, кои пред почетокот на мечот ја исвиркаа шведската химна.
По мечот, фудбалерот на Рома влегол во автобусот каде што биле шведските репрезентативци и се извинил за однесувањето на навивачите.
„Бевме изненадени кога го видовме во автобусот. Се извини во името на сите Италијанци за свирежите кон нашата химна. Не можевме да веруваме што се случи. Ова е еден од најголемите гестови што сум ги доживеал. Секоја чест за Де Роси, уште еднаш покажа дека е голем спортист“, рекол шведскиот селектор Јане Андерсон.
За потсетување, додека навивачите свиркаа додека се интонираше шведската химна, соиграчот на Де Роси, Џиџи Буфон, истата ја испрати со ракоплескање со што само ги посрамоти домашните навивачи.