Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) веќе почнала со преговори со Карло Анчелоти како можна замена за селекторот по отпуштањето на Џампјеро Вентура, тврди „Скај Италија“.
ФИГЦ го смета Анчелоти, поранешниот тренер на Челси, Реал Мадрид и Баерн Минхен, како совршен за улогата на градење на новата италијанска селекција по неуспехот да се пласираат на СП во Русија, иако 58-годишниот стручњак засега сака да има отворени опции.
Анчелоти уште не се обидел да стане селектор на некоја селекција и покрај тоа што работеше во осум различни клубови во 22-годишната кариера, освојувајќи три титули од Лигата на шампионите. Негов последен ангажман беше Баерн Минхен, каде што ја освои титулата во првата сезона, но во септември доби отказ по слабиот старт на сезоната.
Анчелоти исто така беше фудбалер на Италија со 26 настапи за синиот дрес. Други кандидати за позицијата се Антонио Конте (Челси), Роберто Манчини (Зенит) и Масимилијано Алегри (Јувентус), меѓутоа претседателот на ФИГЦ, Карло Тавекио смета дека токму Анчелоти е вистинскиот избор.
Следните мечеви на Италија се во март, кога играат пријателски со Англија и Аргентина.