Англискиот селектор Герет Саутгејт вели дека фудбалерот од средниот ред на Астон вила, Џек Грилиш мора да се докаже во Премиер лигата пред да добие шанса да го облече националниот дрес.
23-годишниот Грилиш, еден од најталентираните млади фудбалери во Англија, во 2015 се „пресели“ од ирската во англиската репрезенација, но Саутгејт пред него им даде шанса на 20-годишниот Деклан Рајс и 18-годишниот Калам Хадсон-Одои. Астон вила игра во Чемпионшип, втората англиска лига.
„Квалитетот на Џек е тука, но тешко е да се процени кога конкуренцијата е на поинакво ниво. Калам игра во Лига Европа, во Премиер лига и тоа ја прави разликата. Не кажувам дека нема повик за фудбалери од Чемпионшип, но многу е тешко да се процени квалитетот во втората лига“, вели Саутгејт.
Грилиш играше во Премиер лигата во 2016, кога Вила испаднаа со пласман на последното место. Оваа сезона тој има четири гола и пет асистенции за Вила, кои се на шестото место на табелата со шанси за влез во Премиер лигата.