Top Sport

Сан Антонио го пензионираа дресот на Џинобили (Видео)

Сан Антонио Спарс, во ноќта помеѓу четвртокот и петокот, на полувремето од натпреварот со Кливленд Кавалирс го „пензионираа“ дресот на Ману Џинобили.

Иконата на аргентинската кошарка и легенда на Сан Антонио, во август минатата година објави крај на кариерата. Во негова чест Спарс го повлекоа дресот со бројот 20.

На полувремето покрај Џинобили беа неговите поранешни соиграчи од клубот и репрезентацијата на Агрентина.

Сан Антонио го избраа Џинобили на драфтот во 1999 година како 57 пик. Целата НБА кариера (2002-2018) Аргентинецот ја минал во овој тим. Заедно со Том Данкан и Тони Паркер ги носеа Спарс до четири НБА титули (2003, 2005, 2007, 2014).

Тренерот на Спарс, Грег Поповиќ, на церемонијата истакнал дека без Џинобили, не би бил можен походот кон четирите трофеи.

„Не пцуев додека не го запознав него“, се пошегувал Поповиќ.

„Си бевме потребни едни на други. Да не беше Ману, ништо од ова немаше да освоиме. Се се случи поради него. Беше храбар, див, правеше нешта поради кои победувавме. Од време на време ќе го тестираше и моето трпение, а мене како одминуваше времето ми стануваше јасно дека ќе добиеме многу од него доколку го оставам да игра. Не му беа потребни мои инструкции“, истакнал Поповиќ.

Џинобили во кариерата два пати бил учесник на Ол-Стар натпреварот, два пати бил избран во третата најдобра петорка во лигата, а со Аргентина има олимписко злато и светско сребро.

Scroll to Top