Возачот на Мерцедес Луис Хамилтон открил дека по „блиската средба“ со Себастијан Фетел, во јуни на трката во Баку, му порачал да не го омаловажува.
Во ексклузивно интервју за емисијата „The Flying Lap“на телевизијата Мотоспорт, Хамилтон јавно кажал што му порачал на ривалот од Ферари по инцидентот на трката за Големата награда на Азербејџан.
„Тоа е знак на непочитување и немој повеќе да ме омаловажуваш или ќе имаме проблеми. Никогаш така не сум се однесувал кон никого. Не знам што мислел. Никогаш не сум бил во таква позиција. Претпоставувам дека луѓето поинаку реагираат кога се под одреден притисок“, рекол Хамилтон.
Сега веќе четирикратниот светски првак истакнал дека неговата смирена реакција на тој инцидент била таква бидејќи не сакал да предизвика низа на негативни настани.
Хамилтон во Баку го освои петтото место, откако Фетел удри во него пред трката да продолжи, во ситуација кога Германцот позади него. Возачот на Ферари за време на трката не доби казна, но доби казнени поени во лиценцата.
Од трката во Баку на наредните девет, Хамилтон забележа шест победи и во Мексико на две трки до крајот на првенството ја освои титулата.
Овогодишниот шампионат во Формула 1 ќе заврши со трката за Големата награда на Абу Даби на 26.ноември.