Мауро Икарди очекува да биде во Интер следната сезона и покрај сите контроверзи, вели неговата сопруга и агент, Ванда Нара.
Икарди ја загуби капитенската лента во февруари под уште недоволно објаснети услови, а преговорите за продолжувањето на договорот „заглавија“. По ова тој не играше два месеци поради проблеми со коленото, но се врати на почетокот на април со гол против Џенова, иако оттогаш не се запишал во листата на стрелците. Тој има договор до 2021 година и Нара вели дека ќе го испочитуваат.
„Мауро продолжува да дава голови и оди напред поради поддршката од семејството. Сега е посмирен и ќе биде во Интер и следната година“, вели Нара.
Икарди дојде во Интер од Сампдорија во 2013 година откако во деби сезоната во Серија А постигна 10 гола. Оттогаш, освен во првата сезона, тој има постигнато над 10 гола, а во 2017/18 постигна дури 29.