Брус Арена нема да се врати како селектор на фудбалската репрезентација на САД, по неуспехот да се квалификуваат на Светското првенство во Русија во 2018 година. Арена, кој имаше договор со федерацијата до следното лето, објави дека си заминува по 2:1 поразот од Тринидад и Тобаго.
Претседателот на Американската фудбалска федерација (УСС), Сунил Џулати уште не објавил дали ќе продолжи со својата функција и дали планира да бара ре-избор во февруари.
Арена беше донесен како замена за отпуштениот германски стручњак, Јирген Клинсман, откако Американците ги загубија првите два меча од квалификациите од Мексико и Костарика. Арена ги врати резултатите, победувајќи го Хондурас со 6:0, освојувајќи поен на Гостувањето во Панама и уште три поени дома со Тринидад и Тобаго. По ова следуваше ремито со Мексико на гости, што беше само трет поен освоен на гости кај јужниот сосед. Но, потоа следуваше поразот дома од Костарика и среќното реми во Хондурас, пред 4:0 победата над Панама, пред Тринидад и Тобаго да направи сензација во последниот меч.
„Кога ја преземав позицијата минатиот ноември, знаев дека пред мене е голем предизвик, поголем отколку што многумина можат да замислат. Сите вклучени во програмата го дадоа својот максимум последните 11 месеци, но тоа не беше доволно. Не ја завршивме работата и ја прифаќам одговорноста“, вели Арена.