Контроверзниот сопственик на италијанскиот второлигаш Бреша, Масимо Челино вели дека е засрамен од своите играчи и вети дека отсега во тимот ќе играат само „лавови“.
Челино, кој до оваа година беше сопственик на англискиот второлигаш Лидс, каде што предизвика низа контроверзи, вети дека ќе ја крене Бреша повторно во Серија А, откако тимот од сезоната 2011/12 игра во Серија Б.
„Очекувам малку повеќе желба и респект од моите играчи. Со мене завршија осредните денови во Бреша, тоа е ветување. Не видов многу тимови кои се посилни од нас во Серија Б, но тие имаат далеку поголема желба за победа од нас. На грбот на Бреша има лав, и затоа мора да се почитува тој симбол“, вели Челино.
Реакцијата доаѓа откако тимот одигра 0:0 со Специја овој викенд, но критиките не завршуваат само кон А-тимот.
„Проблемот го гледам и во младинскиот тим. Резултатите треба да ги засрамат тие играчи, но во овој клуб долго време се толерираше осредност и немаше потреба за гордост“, додава Челино.