Најмоќниот ракометен клуб на денешницата Пари Сен Жермен, на чија клупа од оваа сезона седи екс-вардарецот Раул Гонзалес, доживеа тежок пораз во Полска, во првиот четврт-финален натпревар во Лигата на шампионите. Кјелце ги совлада ѕвездите од Париз со 34:24.
ПСЖ влегоа како фаворит во овој двомеч со Кјелце, меѓутоа по дебаклот тешко ќе изборат место на завршниот турнир во Келн.
Екипата на Талант Душебаев 60 минути го контролираше натпреварот, на полувреме имаа предност од пет гола (16:11). Во вториот дел играчите на Раул Гонзалес се доближија на три гола, Кјелце ја вратија предноста од пет гола, а потоа го декласираа противникот за големи 34:24.
Кјелце го предводеа Каралек и Кулеш со по шест гола, Циндриќ постигна пет, а Душебаев три гола. Тројца играчи доминираа кај ПСЖ, Генсхајмер погоди 11 пати, шест пати прецизен беше Ремили, а пет гола постигна Хансен.