Само еден ден откако Хасан ал Тадави, висок човек на катарската влада побара Чави Ернандез да биде поставен за нов селектор на Катар, Шпанецот, кој игра за тимот на Ал Сад, вели дека ќе направи сè што е можно да помогне Катар да има конкурентен тим за време на СП во 2022 година.
37-годишниот Чави е во последната година од неговиот договор и најавуваше дека сака да се обиде да стане тренер, а покрај тоа работи со У20 тимот на Катар. Како и Пеп Гвардиола, славниот тренер на Манчестер сити, Чави првите тренерски чекори ги прави во Катар.
„Почестен сум што мислат дека јас можам да бидам катарски селектор. Би сакал да бидам тренер, но уште ги добивам тренерските лиценци, а една опција сигурно е Катар. Тука имаат фантастичен проект и сум благодарен за работата со нив и би сакал да помогнам да бидат конкурентни во иднина, посебно на домашното СП“, изјави поранешниот играч на Барселона.
Иако главната цел е да се биде тренер на неговиот матичен клуб Барселона, Чави не гледа проблем да почне со работа во Азија.
„Зошто да не? Катар или на друго место во Азија. Би сакал да почнам тука во Доха и подоцна да работам во националниот тим, но јасно е – сакам да сум тренер. Кои се моите примери? Луис Арагонес и Пеп Гвардиола, но работев и покрај Франк Рајкард, Луис ван Гал, Луис Енрике… Научив многу и уживав во работата. Арагонес и Гвардиола имаа стил на фудбал со многу напаѓање и посед. Гвардиола е еден од најдобрите на светот“, додаде Чави.