Диего Симеоне, тренерот на Атлетико Мадрид, вели дека со хет-трикот против Еквадор во квалификациите за Светското првенство, Лионел Меси покажал дека е најдобар во светот.
Меси е она што го бараат Аргентинците. Сам го гледав натпреварот, тој на сите оние кои не веруваа во него им одговори и докажа дека е најдобриот во светот“, рекол Симеоне на прес конференцијата во пресрет на дербито во Ла Лига помеѓу Атлетико и Барселона.
Атлетико вечерва ќе ја пречека Барселона и ќе се обиде да го прекине постот во првенството против овој противник кој трае од 2010 година. Симеоне кој е тренер на „јорганџиите“ од 2011 година Барса ја победувал само во Лигата на шампионите.
Дуелот на „Ванда Метропилитано“ ќе има и мала политичка конотација поради референдумот за незавосноста на Каталонија кој се одржа на 1.октомври.
„Политичкиот аспект на оваа игра? Можам да дискутирам за прашања кои се повеќе политички од спортски, имам свое мислење, но ќе го задржам за себе. Повторувам јас сум само фудбалски тренер“, рекол популарниот Чоло.
Дуелот се игра од 20:45 часот, а Барселона во Мадрид доаѓа како единствена екипа во Ла Лига со максимални седум победи во истот толку одиграни натпревари. Каталонскиот клуб на лидерската позиција има шест бодови повеќе од Атлетико. н.ц.