Top Sport

Почетино: Го одбив Реал, тоа беше најтешката одлука која сум ја направил

Менаџерот на Тотенхем, Маурисио Почетино открива дека одбил шанса да стане тренер на Реал Мадрид минатиот јуни за да го испочитува договорот со лондонскиот клуб, велејќи дека е спротивно на неговите вредности да не го почитува својот збор.

Пред вечерниот дуел од Лигата на шампионите со Ајакс, Аргентинецот во интервју за шпанскиот „Ел Паис“, открива дека по заминувањето на Зинедин Зидан добил понуда да биде тренер на „кралевите“.

„Тоа беше тешка ситуација, бидејќи сон на секој тренер е да се биде на клупата на Реал. И морав да кажам не, и тоа беше тешко. Само што потпишав нов договор со Тотенхем и немаше шанси да си одам“, вели Почетино.

Наместо Аргентинецот, тренер на Реал стана Хулен Лопетеги кој беше отпуштен по неполни три месеци, пред Сантијаго Солари да ја преземе улогата и да биде отпуштен во март, за на крајот Зидан да направи сензационално враќање и да потпише договор до 2022 година.

„Претседателот на Тотенхем, Даниел Леви не сакаше да ја прифати одлуката, така што ќе требаше да го раскинам договорот и тоа не беше прифатливо, бидејќи не се однесувам така. Тоа не се моите вредности. Зошто некој клуб би потпишал со тренер кој не ги исполнува ветувањата“, вели Почетино.

Scroll to Top