Ана Фајт, или како што е попозната со своето моминско презиме Фенингер, најави враќање на Светскиот куп во алпско скијање на почетокот на декември во Лејк Луис, Канада, со главна цел одбрана на олимписката титула.
Австријката е во „аут“ веќе 10 месеци по операцијата на коленото. Трикратната светска шампионка (супер-комбинација во 2011, велеслалом и супер-џи во 2015 година), мораше да ја прекрати минатата сезона во февруари поради проблеми со левото колено, и мораше да оди на операција.
„Сакам да ја почувствувам страста на патеката. Тренингот оди добро, коленото е ОК, така што ќе се обидеме во Лејк Луис“, изјави 28-годишната Фајт.
Трките од СК во Лејк Луис, Канада се на 1 и 2 декември (спуст), и на 3 декември (супер-џи). Австријката во Сочи пред три години освои злато во супер-џи и сребро во велеслалом, а во 2014 и 2015 година го освои големиот кристален глобус од Светскиот куп. Ова е втора сериозна повреда за неа, откако паузираше 14 месеци од октомври 2015 до декември 2016 поради повреда на десното колено.