Top Sport

Кантона: Пасторе, а не Гризман да биде новата „седумка“ на Јунајтед (видео)

Манчестер јунајтед треба да се обидат Хавиер Пасторе да го направат следниот носител на славниот број 7 кај „ѓаволите“, а не Антоан Гризман, вели легендата на клубот, Ерик Кантона.

Јунајтед поголем дел од летото беа во „лов“ на напаѓачот на Атлетико Мадрид, кој реши да го продолжи договорот со шпанскиот тим. Шпекулациите не престануваат, а Гризман би бил добро докажано решение за проблемите на Јунајтед во нападот. Плус, Французинот изјави дека сака да го носи бројот 7 во Јунајтед, кој беше на грбот на Дејвид Бекам.

Но, Кантона, самиот носител на „седумката“, вели плејмејкерот на Пари Сен-Жермен, Хавиер Пасторе мора да биде во игра.

„Кој би бил вреден наследник на ‘седумката’? Го сакам Пасторе. Тој игра за Париз, но не игра во тимот. Тие имаат двајца фантастични играчи Пасторе и Хатем Бен Арфа и двајцата не играат. Зошто да не Пасторе? Тој е посебен играч и секогаш те изненадува. Играше за Аргентина, што е голема репрезентација, но не игра за Париз, бидејќи тоа е мал клуб“, вели Кантона.

Пасторе е во ПСЖ од 2011 година и беше едно од големите засилувања откако клубот беше купен од „Катар спортс инвестментс“. Тој има 236 настапи на тимот, но последната година во тимот има малку место за него. ПСЖ во моментов ги имаат Нејмар, Единсон Кавани, Килијан Мбапе, Анхел ди Марија, Лукас Моура и Јулијан Дракслер во тимот и Пасторе има само пет настапи оваа сезона.

„Плус“ во ловот на Јунајтед би бил фактот што ПСЖ е под „притисок“ на финансискиот фер-плеј на УЕФА, што значи дека наскоро ќе мораат да продадат дел од тимот.

Scroll to Top