Нејмар во средата имаше уште една брилијантна партија во Лигата на шампионите, постигнувајќи два гола и додавајќи една асистенција во „пеколната“ 7:1 победа на Пари Сен-Жермен над Селтик по што даде навистина смешно интервју.
ПСЖ оваа сезона има импресивни бројки од Лигата на шампионите – пет победи во пет меча и гол разлика од 24:1. Нејмар по мечот го чекаа бразилските новинари, кои прво ја посочија „случајноста“ што мечот заврши 7:1, идентичен резултат со кој Германија го победи Бразил во славното полуфинале од СП во Бразил во 2014 година. На Нејмар тоа не му се допадна.
„Уште еднаш мораме да се потсетиме на тоа, нели? Никогаш не заборавате. Среќен сум за овој меч, за победата, и тоа е најважно без разлика на резултатот. Покажавме добра храброст бидејќи рано примивме гол“, изјави Нејмар.
Најскапиот фудбалер на светот потоа беше запрашан за негативните работи кои францускиот печат ги пишува во последно време, посебно за забавите до доцните ноќни часови.
„Добрите вести не се продаваат. Медиумите се занесуваат со лоши вести. Сега, сакам да ги видам добрите вести“, додаде веќе иритираниот Нејмар.
Прашањето кое ја „прели чашата“ беше поврзаноста со наводен трансфер во Реал Мадрид.
„Вие сте премногу досадни“, изјави Нејмар и си замина.