Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, му се заблагодари на својот поранешен клуб Интер што и помoгнал на Џенова да избори опстанок во Серија А.
Синоќа, во рамките на последното коло, Џенова одигра без голови со Фиорентина, а услуга на Пандев и соиграчите им направија колегите од Интер кои славеа над Емполи 2:1.
Емполи се пресели во Серија Б, Интер избори пласман во Лигата на шампионите, а Џенова и Фиорентина и наредната сезона ќе играат во Серија А.
„Заслуживме да останеме во лигата. Зад нас е тешка сезона, но ја остваривме целта. Им благодариме на Интер што победија против Емполи. Им посакувам сè најубаво во Лигата на шампионите“, изјавил Пандев.
Горан Пандев од 2009 до 2012 година го носеше дресот на Интер, а во 2010 ја освои тројната круна.