Торган Азар досега беше во целосна сенка на кариерата на неговиот постар брат, ѕвездата на Челси, Еден, но сега си формира сопствен пат со одличните настапи за Борусија Менхенгладбах.
24-годишниот Торган се пресели заедно со Еден во Челси во 2012 година, но неговиот престој во Лондон заврши без настап за првиот тим во три години. Потоа тој реши да замине на заем во белгискиот Зулте-Варегем, пред да дојде во Борусија Менхенгладбах и да блесне во Бундеслигата.
Менхенгладбах во моментов се на четвртото место во лигата со надежи за место во Европа следната година, а Торган Азар има низа од пет натпревари во кои или беше стрелец или асистент за тимот на Дитер Хекинг, кој го пречекува лидерот Баерн Минхен денеска.
„Тој сака да го игра сопствениот стил, многу е силен и уверен дека знае и умее. Креативен е со топката и навистина сум пресреќен со Тото оваа сезона“, изјави Хекинг за весникот „Рајнише пост“.
Помладиот Азар беше поврзуван со трансфер во Арсенал ова лето, а секогаш постои опцијата Челси да го откупи договорот и да го врати во Лондон.
„Не знам дали има таква опција, бидејќи мојот татко ги води работите околу договорот. Понекогаш слушам дека има таква опција, но во Менхенгладбах велат дека сум нивни играч. Не ми е грижа. Ако ме сакаат Челси, ќе платат трансфер и ќе ме земат. Во моментов не размислувам за такво нешто. Млад сум и имам договор до 2019 година и сакам да откривам нови работи“, вели Торган.