Белгискиот напаѓач на Наполи, Дрис Мертенс во интервју за домашниот весник „Хет латсте ниеувс“ објасни дека имал „луда“ година во Неапол, дека за 28 милиони евра е „евтин играч“ и дека е крајно време некој да сними документарец за тренерот на „партонепеи“, Маурицио Сари.
Кариерата на Мертенс беше трансформирана кога почна да игра во позиција на напаѓач на местото на повредениот Аркадиуш Милик и оттогаш сè е поинаку.
„Последните 12 месеци се луди. Важно е да се биде среќен, бидејќи знам дека нема да биде многу подобро од ова сега. Не сум Лео Меси или Кристијано Роналдо, не се гледам како играч од светска класа. Играта на Наполи е совршена за мене и секогаш ќе постигнувам голови во овој состав“, изјавува искрено Мертенс.
Одличната форма оваа сезона привлече голем интерес, вклучувајќи од Манчестер јунајтед, посебно бидејќи откупната клаузула е „само“ 28 милиони евра.
„Да, го обновивме договорот летово. Минатата зима имав понуда од Кина, каде што ќе заработував ненормално. Но, Наполи не сакаа да ме пуштат, а и јас сакав да останам. Можеби 28 милиони евра откуп не е многу за кинески клуб, но за Наполи е пристојна сума. Барем беше така додека Нејмар не отиде во ПСЖ, бидејќи за некого сега 28 милиони се ништо. Станав евтин играч! Каде ќе најдете играч кој има 28 гола во Серија и чини 28 милиони евра! Нели?“, додава Мертенс.
Сепак, Белгиецот е јасен – не сака да оди никаде, посебно додека Сари е тренер на Наполи.
„Мора да се направи документарец за Сари. На пример, за неговите говори пред мечот: ’Дојдов од гомна и сега сум во Лигата на шампионите. Никој не може да ни го земе тоа’. Фантастични говори. Кариерите ни се слични. Јас не сум Ромелу Лукаку, кој не знае што значи да имаш еден натпревар неделно. Јас дојдов од третата лига, работев напорно за да сум тука. Исто како Сари. Да, тренерот пуши и пие многу кафе, но во исто време постојано чита. Доаѓа од светот на економијата како поранешен банкар и ги знае статистиките“, додава Мертенс.