Top Sport

Ѓоковиќ: Плачев и размислував да се откажам од тенисот

Новак Ѓоковиќ (30) поради повредата на лактот пропушти половина од штотуку завршената сезона, а во изминатите неколку недели тој напорно се подготвува за новата сезона.

Српскиот тенисер во последно време често дава интервјуа, во кои открива досега непознати детали од својот живот. Освојувачот на 12 Гренд слем трофеи во минатото многу потешко се справувал со поразите, поради што на моменти сакал да се откаже од тенисот. Еден од најтешките порази му е од Јирген Мелцер во 2010 година, во четврт-финалето на Ролан Гарос.

„Не сакав да се задоволам со тоа што ќе бидат на третото или четвртото место во светот. Во детството, кога имав осум години, сонував да бидам прв во светот и да го освојам Вимблдон. Во тој меч против Мелцер водев со 2:0 во сетови и изгубив. Дојдов кај моите родители, плачев и се прашував дали треба да играм тенис. Размислував дали треба да продолжам да играм тенис“, рекол Ѓоковиќ.

Сепак долгите разговори со родителите и со својот стручен тим му помогнале да се извлече од таа летаргија.

„Татко ми зборуваше дека морам да станам уште поцврст, но тоа не ми беше доволно. Потоа тренерот Марјан Вајда и луѓето од мојот тим ми рекоа дека се с во ред. Ме советуваа да земам одмор, за да ги согледам работите. Зошто почна да играш тенис? Дали го сакаш тоа? Да секако дека сакам да играм тенис, независно дали се работи за централниот терен на некој Гренд слем или е во прашање тренинг. Потоа го освоив Дејвис купот и влегов во онаа серија од 43 победи…“, дополнил српскиот тенисер, кој во кариерата играл во 100 финалиња на АТП турот, освоил 57 турнири, од кои 12 Гренд слем и 30 Мастерси.

Ѓоковиќ покрај тоа ја оствари една од најголемите доминации во машкиот тенис, а во еден период беше шампион на четирите Гренд слема.

Оваа 2017 е најлошата во неговата кариера. Во Мелбурн испадна во 2.коло од Денис Истомин, во Париз во четврт-финалето од Доминик Тим, а четврт-финалето на Вимблдон му го предаде на Томаш Бердих.

Веднаш по тоа четврт-финале Ѓоковиќ објави крај на сезоната.

Инаку, по поразот на Мастерсот во Монте Карло, Ѓоковиќ се раздели со долгогодишниот тренер Марјан Вајда, а од Вимблдон работи со прославениот Андре Агаси.

Scroll to Top