Кими Раиконен искрено признава дека сезоната на Алфа Ромео досега не ги исполнува очекувањата, откако швајцарскиот тим кој порано беше познат под името Заубер е само пред „отпишаниот“ Вилијамс во пласман на конструктори.
Финецот, кој дојде во Алфа од Ферари минатата сезона, освои поени во првите четири трки од сезоната, но на последните две трки во Барселона и Монако беше далеку од топ 10 пласман и пред Канадското ГП, Раиконен не сакаше да ветува ништо.
„Патеката во Монтреал би требало да ни одговара, но да бидам искрен, досега многу работи не одеа како што требаат за нас. Се надевам дека ќе успееме да работиме со овие гуми и да го исполниме потенцијалот на болидот. Деветтото место во генерален пласман не е пожелно“, вели Финецот.
Слично како „партнерскиот“ тим Ферари, Алфа Ромео има проблем да постави отпимална температура за гумите на Пирели, со посебни маки на квалификациите.