Мекларен и Хонда ја прекинаа тригодишната соработка со шампањско и со порака „ќе ни недостасувате“ од страна на шефот на Мекларен, Зек Браун до јапонската компанија.
Денешната трка во Абу Даби ќе биде последна во која Мекларен ќе вози со мотори на Хонда, пред 20-кратните шампиони да ја почнат соработката со Рено од 2018 година. Хонда, за среќа, останува во Ф1 со тимот на Торо росо.
Иако беше замислено како партнерство од соништата, кое треба да ги врати спомените од славните 1980-ти и 1990-ти, трите сезони Мекларен-Хонда беа одбележани со фрустрации, слаби перформанси и на крајот неуспех.
Тоа не му пречеше на Браун да го пофали јапонскиот гигант.
„Хонда беа големи партнери. Се работи за големи луѓе со кои добро се согласувавме. Ситуацијата беше тешка, но тие остануваат наши големи пријатели. Ќе ни недостасуваат. Никогаш не вели никогаш – можеби повторно ќе работиме заедно во иднина“, изјави Браун.