Сергеј Ковалев, рускиот боксер со прекар „Крашер“, лесно ја заврши работата со Слава Шабранскиј за да ја врати ВБО титулата во средно-тешка категорија, откако со низа фуриозни удари во главата го нокаутираше Украинецот по 2:36 во втората рунда.
„Ова беше одлично за мене, го сакам боксот и сакам вакви мечеви. Подготвен сум за било кој противник“, изјави Ковалев.
Тој ги имаше загубено последните два меча од Андре Ворд, но овојпат го „запали“ „Медисон Сквер Гарден“ – двапати го прати Шабранскиј на подот во првата рунда, и уште еднаш во втората, но украинскиот предизвикувач некако стана на нозе пред мечот да биде сопрен.
34-годишниот Ковалев сега има 31-1-2 скор со 27 нокаути, но ретко бил толку импресивен.
Како пред-меч, во дуел на двајца поранешни шампиони во супер-перо категорија, Кубанецот Јуриоркис Гамбоа, олимписки шампион од 2004 година, го победи на поени Џејсон Соса со 96:92, 95:93 и 94:94. Гамбоа двапати беше на подот во мечот од 10 рунди, но на крајот беше победник.