Новак Ѓоковиќ се пожали дека не можел да го даде максимумот при „ураганот“ на Ролан Гарос, но во исто време го испофали Доминик Тим, човекот кој му го уништи сонот по вторпат да биде носител на сите четири гренд слем титули.
Тим го победи Ѓоковиќ со 6:2/3:6/7:5/5:7/7:5 во меч кој се одвиваше во два дена со многубројни паузи поради дожд и силен ветер. Ѓоковиќ беше видно исфрустриран од условите за игра во петокот, додека во саботата влезе во дуел со линискиот судија.
„Очигледно, кога играш при вакви урагански услови, тешко е да го покажеш својот најдобар тенис. Во основа, ти преживуваш на теренот. Така се чувствував вчера, да бидам искрен. Имав добра сезона на земја и не сакам да наоѓам изговори за поразот, бидејќи Доминик играше одлично и стигна до победата. Но, ова беа најлошите услови во кои сум играл. Нема правила. Тоа ми го објаснија вчера на теренот во првиот сет и кога се симна супервизорот на турнирот ми кажа дека доколку нема летечки објекти на теренот, ние сме океј. Не знаев дека чадорот кој леташе во првиот гем не е летечки објект, но тие знаат подобро тенис од нас“, изјави Ѓоковиќ.