Поранешниот француски репрезентативец, Вили Сањол вели дека не гледа причина зошто Пари Сен-Жермен се решија да го ангажираат Леонардо како спортски директор, бидејќи тој со Милан потрошил 200 милиони евра, а не успеал да ги однесе „росоњерите“ до Лигата на шампионите.
Леонардо беше потврден како нов спортски директор во петокот, неколку часа по отпуштањето на Антеро Енрике, кој беше на оваа улога од јуни 2017 година. ПСЖ ја одбрани домашната титула, но беше елиминиран во осминафиналето на ЛШ од Манчестер јунајтед. Леонардо претходно беше одговорен за трансфери и на „Паркот на принцовите“ ги донесе Златан Ибрахимовиќ, Тијаго Силва и Марко Верати, но Сањол се сомнева во квалитетот на Бразилецот.
„Да, Леонардо направи добри работи. Го најде Марко Верати како тинејџер од Пескара и тоа беше добро, но денеска сме на фудбалски пазар каде што треба пофокусирана работа. Да го судиме Леонардо, треба да судиме што направил. Во Милан потроши 200 милиони евра за да не се квалификува во Лигата на шампионите и во исто време се најде на мета на УЕФА поради финансискиот фер-плеј. Така што, искуството е дека тој многу троши и не ги носи очекуваните резултати“, изјави Сањол.