Иако е предводник на најуспешниот Формула 1 тим на денешницата, шефот на Мерцедес, Тото Волф не би сакал неговиот син да вози во шампионатот, ниту да има тркачка кариера.
47-годишниот Волф и неговата сопруга, шкотската тркачка Сузи Волф (поранешен тест-возач на Вилијамс), пред две години го добија својот прв син Џек.
„Само се надевам дека тој нема да стане тркач. Прво, се работи за опасна професија, а второ сигурен сум дека нема да уживам да го гледам моето дете како вози картинг во текот на викендите“, објаснува Волф за „Билд“.
Сузи Волф, со моминско презиме Стодарт, се тркаше во Ф3 шампионатот и во ДТМ и во моментов е шефица на еден Формула Е тим. Но, и таа не е сигурна дали би сакала синот да се трка.
„Прво, тој треба да најде нешто што го сака самиот, а не да му наметнуваме кариера“, вели Сузи Волф.