Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола вели дека му се потребни „непријателите“ и критичарите за да го туркаат до поголеми успеси.
И покрај својот успех со Барселона, Баерн Минхен и Манчестер сити, тој честопати е критикуван поради тоа што е во клубови каде што финансиите не се проблем, но сепак, нема титула од ЛШ од деновите со Барса.
„Потребни ми се непријатели, луѓе кои ме мразат, бидејќи фудбалот е одмазда и докажување и обидување да се надминеш. Истото се случува и со фудбалерите. Би дал сè да ја освојам титулата од Лигата на шампионите, но има седум многу тешки мечеви каде што маргината за грешка е многу мала. Секако дека им завидував на Ливерпул и Тотенхем, но тие го заслужија тоа“, вели Гвардиола.
Околу обвинувањата за преголемо трошење, Каталонецот беше искрен.
„Без инвестицијата која се направи, Манчестер сити немаше да биде таму каде што е сега. Челси го направија истото, Реал Мадрид веќе потрошија 300 милиони евра, Барселона има купено неколку фудбалери за на 100 милиони евра. Кога пристигнав во Сити, централните дефанзивци имаа по 34 години и беа потребни засилувања“, вели Гвардиола.