Андреа Пирло признава дека ги крадел „тајните“ на Дејвид Бекам за да ги подобри своите квалитети во изведувањето на слободни удари.
Поранешниот италијански репрезентативец заминува во пензија на крајот на договорот со Њујорк сити ФЦ и полека гледа наназад на својата кариера. Оценет како еден од најдобрите играчи од средниот ред на планетата, поранешната ѕвезда на Јувентус и Милан освои речиси сè во светот на фудбалот, вклучувајќи го и Светското првенство во 2006 година.
Запрашан од „Л’Екип“ за своите квалитети како изведувач на слободни удари, тој беше искрен.
„Кога бев дете ќе земев мала топка од стиропор и се обидував да шутирам над каучот за да заврши во аголот на прозорецот. Во Милан ги имавме Дејвид Бекам, Роналдињо, Кларенс Седорф… Многу добри шутери. Зборував со нив, ги гледав како работат и ги крадев нивните тајни. Исто така го гледав Жунињо и неговите слободни удари без да сфатам како го прави тоа. Се обидував, се обидував и најдов сопствен начин“, вели Пирло.
Тој помина кратко време работејќи со Бекам, но вели дека научил многу од поранешниот англиски репрезентативец. Сепак, 38-годишниот Италијанец е еден од ретките кои имаше талент како Бекам, но вели дека понекогаш било важно да се верува во своите квалитети.
„Си велев дека е невозможно да утнам. Беше доволно да се префрли топката над живиот ѕид и беше гол. Во фудбалот, како и во животот, понекогаш милиметри прават разлика. Тоа е знак на судбината, природен талент кој ми го дале родителите. Да се дојде пред топката, да се застане на вистинската позиција. За мене тоа беше лесно“, додава ветеранот.