Вест Бромвич Албион го потврди Алан Пардју, поранешниот шеф на Њукасл и Кристал Палас, како нов менаџер.
ВБА го отпушти Тони Пјулис на 20 ноември, откако тимот имаше 10 меча во Премиер лигата без победа и беше еден поен над зоната за испаѓање. 56-годишниот Пардју беше без работа откако беше отпуштен од Палас во декември 2016 година. Тој потпиша договор до крајот на сезоната 2019/20, за да стане шестиот менаџер на ВБА од 2011 година.
„Пресреќен сум од можноста која Албион ми ја даде, да работам со талентирана група на луѓе. Првиот предизвик е да се добијат потребните поени и да се искачиме на табелата. Доаѓам во еден од големите, традиционални англиски тимови“, изјави Пардју.
Интересно, неговиот прв меч на чело на тимот ќе биде токму против поранешниот тим Кристал Палас на 2 декември. По ова следува тежок период за ВБА – гостувања против Ливерпул и Свонси и домашен меч против Манчестер јунајтед.
Пардју, кој во својата 18-годишна кариера беше менаџер и на Рединг, Вест Хем, Чарлтон и Саутемптон, двапати има загубено финале од ФА купот, а во 2012 година беше прогласен за најдобар тренер во Премиер лигата по петтото место со Њукасл.