Францускиот селектор Дидие Дешам поднесе тужба за клевета против легендата на Манчестер јунајтед, Ерик Кантона.
Ова доаѓа откако Кантона даде интервју за британскиот весник „Гардијан“ во мај 2016 година, во кое го критикуваше Дешам за неговото однесување кон Карим Бензема и Хатем Бен Арфа.
Бензема беше исфрлен од францускиот тим за Евро 2016 откако беше вклучен во обидот да го уцени поранешниот колега Матју Валбуена, иако врховниот француски суд ја поништи истрагата. Дешам реши да не го повика назад Бензема, исто како и Бен Арфа, и Кантона во интервјуто посочи дека тоа е поради нивното потекло – Бензема има алжирско потекло, а Бен Арфа туниско.
„Бензема е голем играч. Бен Арфа е голем играч. Но, Дешам има навистина француско име. Можеби тој е единствениот во Франција со вистинско француско име. Никој во неговото семејство не е мешан со никого, знаете. Како Мормоните во Америка. Затоа не сум изненаден од тоа што не го зеде Бензема, посебно откако францускиот премиер Мануел Вал рече дека тој не треба да игра за Франција. Бен Арфа е можеби најдобриот француски фудбалер. Меѓутоа тие имаат некое потекло. Дали Дешам ги дискриминира? Можеби не, но можеби да. Јасно е дека тие двајца се меѓу најдобрите и дека имаат потекло од Северна Африка. Дебатата е отворена“, изјави тогаш Кантона.
Адвокатот на Дешам, Карло Алберто Бруса вели дека обвинувањата се сериозни и дека затоа Дешам се решил да судска развршница против својот поранешен колега од француската репрезентација.
„Кога ќе те третираат како расист, а не си, нормално е да бараш правда. Некои забелешки мораат кривично да бидат разгледани. Контекстот беше тежок и по него се поведе јавна расправа дали г. Дешам е расист“, вели Бруса.