Себастијан Фетел и Ферари го завршија последното возење на Формула 1 болидите оваа година со најдобро време на тестот на гумите на Пирели во Абу Даби.
Фетел постави време од 1:37.551 на новите „хипер-меки“ гуми во утринската сесија и тоа време остана најдобро цел ден. Тој предизвика црвено знаме претходно, по сопирање на патеката, но механичарите го отстранија проблемот и тој ја комплетираше сесијата.
Валтери Ботас во Мерцедес и Макс Ферстапен во Ред бул беа на второто, односно третото место, пред двајцата возачи на Форс Индија, Серхио Перез и Естебан Окон.
Тимот на Вилијамс продолжи со проценката на рускиот возач Сергеј Сироткин и полскиот ветеран Роберт Кубица. Сироткин возеше во поголемиот дел од тестот и постави време о 1:39.947 со што беше 10. во генерален пласман, додека Кубица во попладневната сесија постави време од 1:39.485 за седмо најдобро време.