Германскиот ветеран Сами Кедира вели дека Гонзало Игуаин „прави сè“ да биде во големиот меч против неговиот поранешен клуб Наполи в петок.
Аргентинскиот напаѓач беше на операција оваа недела за скршениот прст, по што се појавија шпекулации дека намерно сака да го „избегне“ гостувањето кај Наполи. Сепак, Пипито во средата се појави на тренингот во Виново и Кедира вели дека се восхитува на неговата работна етика.
„Никогаш не е лесно по операција, но тој прави сè да биде таму. Тренираше денеска и сигурно имаше болки. Ако игра, тоа ќе биде супер за нас, но имаме и замени“, вели Кедира.
Тој исто така го пофали тимот на Наполи, кои во моментов се лидери на Серија А со четири поени пред „бјанконерите“.
„Имаат многу играчи кои можат да го одлучат натпреварот, а имаат и добар тренер во Маурицио Сари. Тешко е да се каже од кого треба најмногу да се ‘пазиме’, бидејќи ги имаат Калехон, Мертенс, Хамшик, Инсиње… Нема да биде лесно“, додава Кедира.