Елиф Елмас е пред трансфер во Наполи во тоа се согласуваат италијанските медиуми, но тие лиферуваат различни информации кога тоа може да се случи.
Некои медиуми пишуваат дека репрезентативецот на Македонија денес треба да пристигне на лекарски прегледи во Неапол, а потоа да го стави својот потпис на пет годишниот договор.
На Наполи за трансферот на Елмас им честитал и менаџерот на Горан Пандев, Леонардо Корси.
„Станува збор за голем талент, тој е еден од најинтересните млади играчи во Европа. Го покажа квалитетот и во турското дерби. Кога игра не чувствува никаков притисок. Покажува добри игри и во националниот тим“, рекол Корси.
Други медиуми пак тврдат дека трансферот е извесен, но дека клубовите се уште не се договориле околу обесштетувањето.
Наполи понудиле 13 милиони евра и одредени бонуси, додека Фенербахче побарале 20 милиони евра.
Елмас би го пополнил местото што е испразнето откако Дијавара замина во Рома и ќе им биде конкурент за место во тимот на Руиз, Зјелински и Алан.
Со бирани зборови на првата прес конференција во новата сезона, за Елмас говорел и тренерот Карло Анчелоти. Дон Карло го нарекол Елмас „новиот Фабијан Руиз“.
„Скај спорт Италија“ пишува дека Елмас е поливалентен играч од седниот ред, кој може да настапува на сите позиции во редот за врска, дека добро ги користи левата и десната нога, има одличен преглед на играта.