Прашање на денот е кога Елиф Елмас официјално ќе стане играч на Наполи. Минатата недела италијанските медиуми најавуваа дека Наполи ја завршиле работата, но најпрвин ќе мора да продадат некој играч од актуелниот состав за да можат да го донесат Елмас.
Не е познато за која сума играчот од редот за врска ќе се пресели на „Сан Паоло“. Се шпекулира со 16 милиони евра и дополнителни бонуси. Елмас во тимот ќе го замени Дијавара кој замина во Рома, а за место во првиот тим конкуренти ќе му бидат Зјелински, Фабиан Риуз и Алан.
Можноста Елмас да се пресели во Наполи, за „Скај Спорт Италија“ ја коментирал и капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев.
„Елмас е еден од најдобрите млади играчи во Европа. Ако Наполи го купат, ќе направат добра зделка. Разговарав со него не ми кажа ништо конкретно, но знам дека ќе биде големо засилување за Наполи. Може да игра на сите позиции во средниот ред, може да игра и зад напаѓачите, има добро чувство за гол. Верувам дека Наполи е идеален клуб за него“, рекол Пандев.