Мауро Икарди се подготвува да го напушти Интер. Аргентинецот и клубот минаа низ еден лош период, поради што новиот тренер Антонио Конте веднаш по преземањето на функцијата објави дека нема да смета на неговите услуги во новата сезона.
Медиумите шпекулираат со иднината на Икарди, наводно Јувентус сериозно се интересира за него, но сумата што ја нудат од Торино е далеку од онаа што ја бараат челниците на клубот од „Џузепе Меаца“.
Аргентинецот имал понуда и од Наполи, но тој повеќе сакал да игра во Јувентус. Сепак тој самиот им поставил рок на Јувентус, до 10 август да се изјаснат или ќе влезел во преговори со Наполи.
Инаку, многумина сметаат дека главниот извор на проблемите со кои се соочува Икарди е неговата сопруга, која е и негов менаџер, Ванда Нара.
Денес се огласил поранешниот директор на Интер, Валтер Сабатини, кој има решение за овој проблем.
„Да беше Икарди мој играч, на Ванда ќе и најдев ново момче и на тој начин би ја одвоил од Мауро, кој инаку е прекрасен човек и одличен татко. Јас така би го решил проблемот“, рекол Сабатини.