Top Sport

Алонсо би сакал да тестира и во НАСКАР

Фернандо Алонсо вели дека нема поим дали би сакал да се трка во американската НАСКАР серија, но вели дека има само еден начин да се дознае – да тестира автомобил.

Ѕвездата на Мекларен овој викенд ќе се врати на тркањето преку настап на 24 часа Дејтона со тимот на Зек Браун, „Јунајтед аутоспорт“, а посетата на САД ја искористи да замине во Северна Каролина, каде што се вршеше презентацијата на НАСКАР сезоната, и се сретна со седумкратниот шампион Џими Џонсон.

„Првпат го слушнав името на Џими во 2003 година, преку видео-играта за НАСКАР. Го бирав него иако не го познавав, само поради автомобилот. Но, оттогаш навистина дознав кој е Џими, и каква легенда е во нашиот спорт“, вели Алонсо.

Шпанецот не крие дека целта му е да се стигне до „тројната круна“ во мотоспортот – победа на Монако ГП во Ф1 (веќе остварено), победа на Индијанаполис 500 (лани беше блиску, но му откажа моторот) и победа на 24 часа Ле Ман (за што трката во Дејтона ќе биде подготовка). Но, НАСКАР дебито е далеку.

„Во моментов, немам такви планови. Возачката техника и искуството кое го имаат овие момци е тешко да се достигне. Никогаш нема да знам доколку не се обидам, така што не би ми пречело да тестирам НАСКАР автомобил. Трките секогаш се возбудливи, бидејќи се во една група, и никогаш не можеш да го предивдиш победникот до последниот круг. Однадвор тоа е возбудливо, но не знам како е одвнатре“, додава Алонсо.

Scroll to Top