Top Sport

Алонсо: Нема смисла Фетел да има повеќе титули од Хамилтон

Возачот на Мекларен, Фернандо Алонсо вели дек нема смисла да се споредуваат четирите титули на Себастијан Фетел и трите светски круни на Луис Хамилтон, ако се погледне кариерата која ја имаше Британецот.

Сезоната 2017 е седма во која Хамилтон има реални шанси за титулата, и од претходните шест, Британецот победи само во 2008, 2014 и 2015 година. Фетел од друга страна освои четири круни едноподруго со Ред бул.

Алонсо вели дека Хамилтон имал дефинитивно подобра кариера од Фетел.

„Нема смисла кога ќе видиме Себ со 4 титули, а Луис со 3. Мислам дека Луис имаше подобра тркачка кариера. Кога јас се борев за титулата, Себастијан победуваше, и понекогаш болеше бидејќи мислев дека јас повеќе ја заслужувам титулата. На некој начин сум среќен што Луис ќе ја добие четвртата титула. Кога ќе погледнеме – Себ 4, Луис 4, ќе има многу повеќе смисла“, вели Алонсо.

Со него се согласува и Фелипе Маса, возачот на Вилијамс, кој „трагично“ ја загуби борбата за титулата со Хамилтон во 2008 година, кога Британецот во последниот круг претекна возач да избие на петтото место за трофејот, додека Маса победи за Ферари.

„Луис е дефинитивно еден од најдобрите возачи во историјата на Формула 1. Тој е на ниво со Михаел Шумахер и Аиртон Сена“, вели Маса.

И поранешниот колега на Хамилтон од Мекларен, Џенсон Батон вели дека неговиот сонародник го заслужува трофејот.

„Апсолутно! Ферари имаа проблеми и направија грешки, така што е штета што Фетел не може да се бори до крајот на сезоната, но Луис завршува фантастична работа веќе неколку сезони“, објаснува Батон.

Scroll to Top