Советникот на Ред бул, Хелмут Марко е задолжен да „внимава“ на соработката на нивниот јуниорски тим Торо росо со Хонда, со идеја дека јапонскиот гигант може да биде партнер на Ред бул веќе во 2019 година и вели дека досега е задоволен.
Имиџот на Хонда во Формула 1 доживеа голем удар последните три години со партнерството со Мекларен, одбележено со слаба постојаност на моторот и слаби перформанси, но Марко вели дека Фернандо Алонсо имал посебна причина само да зборува против Хонда.
„Хонда е активна компанија и веќе најде делумни решенија. Можеби ќе успеат да бидат на ниво на Рено со својот втор мотор. Хонда мораше да бара компромиси поради спецификациите на шасијата на Мекларен и не можеа слободно да го развиваат моторот. Од друга страна, Алонсо правеше сè што е можно да направи моторот на Хонда да изгледа ужасен“, оценува Марко во интервју за „Ауто мотор унд спорт“.
Според него, Мерцедес ќе останат на врвот посебно на квалификациите бидејќи никој не може да го „допре“ нивниот специјален мод на квалификациите.
„Нивниот мод за квалификации е најлошото нешто. Секогаш се напред на квалификациите, а потоа на повеќето патеки нема шанси за претекнување. Во трките користат помалку гориво и тоа е нивната предност“, додава Марко.