Top Sport

Алонсо се врати во Мекларен за Инди 500!

Фернандо Алонсо иако претходно ги прекина сите врски со Мекларен, ќе се врати во британскиот тим за настап на Индијанаполис 500 трката во трет обид да ја освои титулата која му недостасува за „тројната титула“ на мотоспортот.

Двократниот Ф1 шампион ќе го вози третиот болид за новиот „Ероу Мекларен СП“ тим, покрај Патрисио О’Ворд и Оливер Ескју.

„Се работи за една од најславните трки на светот и среќен сум што повторно ќе бидам таму во мај. Лани имавме проблем, но оваа година ќе ги надминеме. Кога еднаш ќе се тркате на Инди 500, трката останува во срцето“, изјави Алонсо.

Мекларен се враќаат во Индикар шампионатот првпат од 1979 година во партнерство со поранешниот тим Ероу-Шмид-Питерсон. Алонсо во 2017 и 2019 се обиде да се трка на Инди 500 – во 2017 беше лидер 27 круга пред да му откаже болидот, а лани тимот засрамувачки не успеа да се квалификува.

По повлекувањето од Ф1 на крајот на 2018, Алонсо победи на 24 Часа Ле Ман по вторпат и ја освои Светската ендуранс титула (ВЕЦ), пред да се натпреварува на Дакар релито во јануари. Тој се обидува да ја освои „тројната круна“ – победа на трите најславни трки – Монако ГП трката во Формула 1, 24 Часа Ле Ман и Инди 500. Само Греем Хил го има остварено овој успех.

Scroll to Top