Top Sport

Алонсо: Следната година против Луис за титулата

Фернандо Алонсо пред себе има уште две Ф1 трки со моторите на Хонда, но двократниот светски шампион веќе размислува за тестирањето следната година кога неговиот Мекларен ќе ги има моторите на Рено.

Во интервју за шпанското радио „Кадена сер“, тој посочи дека му олеснува што доаѓа крајот на соработката со јапонската компанија, но и посочи дека е среќен што имаше шанса да се трка против новиот светски шампион Луис Хамилтон на Мексиканското ГП.

„Навистина сакав да продолжам да се борам и да го победам. Дали ќе можам да ги стигнам четирите титули на Хамилтон и Фетел? Не знам, но сигурно ќе се обидам. Немам победа од 2006, но можев да имам доста титули досега. Едвај чекам да почнеме да го тестираме моторот на Рено. Беше потребно големо трпение да се издржат последните три години, но следната година ќе бидеме многу силни. Видовме што направи Ферстапен во Мексико со мотор на Рено. Следната година против Хамилтон, но за титулата“, објаснува Алонсо.

И Хамилтон призна дека уживал во битката со „тешкиот“ Алонсо и би сакал да има шанса за повеќе борби во 2017.

„Уживав во борбата против Себастијан како четирикратен светски шампион. Против Фернандо беше навистина тешко. Напред-назад, напред-назад… Ф1, чекајте додека овој човек не добие добар мотор, бидејќи во другите делови е супер. Се надевам дека Мекларен, тим кој има посебно место во моето срце, следната година ќе биде силен. Се надевам на такви битки“, вели Хамилтон.

Вака изгледаше битката од гледна точка на четирикратниот шампион.

Scroll to Top