Тимот на Априлија го откри изгледот на нивниот мотоцикл со кој Алекс Еспархаро и Скот Рединг ќе ја возат Мото ГП сезоната 2018 година, на кој има значително повеќе црвена боја од верзијата за 2017 година.
Априлија влегува во четвртата сезона во Мото ГП шампионатот во соработка со тимот на Гресини рејсинг, а Еспархаро втора година е во тимот. Рединг доаѓа во тимот како замена за Сем Лоувс од тимто на Прамак Дукати.
Тркачкиот менаџер на Априлија, Романо Албесијано вели дека се работи за ревизија на РС-ГП моделот од 2017 година, иако тимот немаше најдобри зимски тестирања – Еспархаро беше 14-ти комбиниран на трите тестови и само на еден од нив беше под една секунда од конкуренцијата.
„Се работи за оптимизација на концептот на РС-ГП. Рамката е целосно нова, како и системот за ладење и аеродинамиката. Ова е прв чекор кон зголемување на популарноста на нашиот тим. Сезоната ќе биде тешка, но нивото мора да биде зголемено“, вели Албесијано.